Младите од Прилеп се мобилизираа за Младинскиот центар да стане реалност

Иновативни иницијативи - мобилизатори на заедницата, Мобилизатори на заедницата

Младински Совет Прилеп, на 20 декември 2022 година во делот на Стара Чаршија во Прилеп организираше Инфо ден за да влијае на подигнување на јавната свест кај младите како и кај креаторите на политики за нивна поголема одговорност и транспарентност во локалната заедница. Овој настан е дел од нивниот проект „Биди креатор на својата автономна зона – Младински центар“.  

Иако наменет за сите граѓани, овој настан имаше посебен фокус на младите, бидејќи тие имаат најголема потреба од oтворање на Младински центар. Инфо денот беше организиран за да се обезбеди поголем ангажман на граѓаните, поттикнување на поголема вклученост на заедницата и како и нејзина мобилизација во барањето политичка одговорност и транспарентност од избраните претставници и потсетување на локалните власти за нивните дадени ветувања.

Волонтерите на Младински совет Прилеп и мобилизаторите на заедницата го применија методот Булевар на мислења (Opinion Boulevard) каде преку видливо поставени табли, младите имаа можност да ги дадат своите мислења за нивната перцепција дали постапувањето на локалната самоуправа кон прашањето за отворање Младински центар е задоволително и дали сметаат дека истото е во процес на спроведување. Младите имаа  можност да дадат мислење и за тоа каков тип на активности и услуги треба да нуди Младинскиот центар.

„Младинскиот центар им е потребен на младите за да можат дел од своето слободно време да го поминат на интересен и креативен начин. Младинскиот центар во Прилеп е ветен од  Градоначалникот, но се уште не е исполнет“, рече Андреј Тошески, мобилизатор на заедницата.

„Ние како млади луѓе имаме интереси и сакаме овие интереси да ги споделуваме, да се вмрежуваме со други луѓе. Место каде што ќе можеме да разговараме за своите омилени книги и филмови, место каде ќе играме видео игри, разменуваме идеи, мисли, место каде ќе има свирки и слично. Ова е она што ни е потребно. Па затоа сме денес овде, за да ја подигнеме свеста на младите и локалните власти, односно, да им докажеме на младите дека ние ја имаме иднината во раце и од нас зависи се. Затоа, да се избориме Младинскиот центар да стане реалност,“ изјави Марија Димитриоска, мобилизатор на заедницата.

Преку оваа активност директно беа мобилизирани 70  млади од општина Прилеп, а индиректно околу 100 граѓани. Младински совет Прилеп ги сумираше мислењата и перцепциите на младите во вид на препораки, кои подоцна, по спроведувањето на останатите два Инфо денови кои ќе се реализираат во јануари 2023 година, ќе бидат преточени во Позициски документ кој ќе биде доставен до Градоначалникот и Советот на Општината и јавно промовиран на веб страните на Младински Совет Прилеп и Радио Пулс.

Спроведувањето на инфо денто на Младински Совет Прилеп е овозможено со проектот  „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија“ на Владата на Швајцарија кој го спроведува Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС), а грантовите ги администрира Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Галерија