Детската градинка во населба Точила во Прилеп што побрзо биде завршена и да ги прими заинтересираните дечиња

Иновативни иницијативи - мобилизатори на заедницата, Мобилизатори на заедницата, Работилници и обуки

Граѓаните на Прилеп упатија пораки до носителите на одлуки во градот за важноста од исполнувањето на нивните ветувања дадени за време на предизборната кампања, но и во текот на практикувањето на власта во годината што измина. Преку иновативната иницијатива „Информирај се – делувај за промени!“ што ја спроведува здружението „Мултимедиа прес, тие особено се осврнаа на изградбата и ставањето во употреба на детската градинка во населба Точила во Прилеп.

На работилницата што се одржа на 20 декември 2022 година, во Градската библиотека „Борка Талески“ во Прилеп учествуваа 18 граѓани. Тие се информираа, дебатираа, прашуваа, и ги искажаа своите ставови за решавање на проблемот со овој многу важен објект за граѓаните. Учесниците зборуваа воопшто за важноста од згрижување на децата во градинка, а потоа и за решавање на проблемот со недостатокот на сместувачки капацитет за згрижување на децата од предучилишна возраст. На дел од овие прашања се осврна Елеонора Костовска Јованоска, стручно лице за ран детски развој. Мултимедиа прес сака да ја мобилизира заедницата во општината и да ја зајакне граѓанската свест за иницирање на политичка одговорност и транспарентност на локалните власти по ова прашање. Доизградбата на детската градинка во населбата Точила во Прилеп беше предизборно ветување на актуелната локална власт и се најде и во Развојната програма и Буџетот за 2022 г. „Во Прилеп се гради градинка по 40 години, а над 200 деца секоја година се на листата на чекање за згрижување во градинката „Наша иднина“. Доизградбата на градинката првично беше проектирана на 110 милиони денари, а сега достигна цена од 133 милиони денари и се уште не е функционална“, рече Елизабета Филипоска од Здружението Мултимедиа прес.

Граѓаните прашаа кога ќе профункционира детската градинка во населбата Точила, во Прилеп.
„Не сакаме новата детска градинка во населбата Точила да биде уште еден „споменик“ како и други објекти во градот кои не се функционални.Бараме ветеното да се реализира и децата да бидат згрижени,“ рече Лилјана Ѓорѓиоска. „Носителите на одлуки во локалната заедница и политичките субјекти кои што преферираат да дојдат на власт треба да нудат реални проекти кои ќе можат да ги остварат со Буџетот на Општината што го имаат на располагање“, истакна Гоце Блажески.

На работилницата „Мобилизирање на заедницата за иницирање доизградба на детската градинка во населба „Точила“ Прилеп, беа подготвени насоки за изготвување онлајн петиција со која ќе се делува врз локалната власт за реализирање на ова предизборното ветување. Ирена Стерјоска Локвенец, заменик градоначалник, советник и претседател на Комисијата за финансирање, буџет и локален економски развој при Советот на Општина Прилеп одговараше на прашањата на присутните.

Галерија