Се одржа онлајн конференција за мобилизаторите на заедниците

Мобилизатори на заедницата

На зум платформата се одржа онлајн конференција на тема: „Работа на мобилизаторите на заедницата во создавање на одговорна и транспарентна влада“.

На почетокот до присутните се обрати Јоана Косма (ИФЕС), која го изрази своето задоволство кон мобилизаторите на заедниците за успешно завршената програма и заклучи дека нивните активности направија разлика во заедницата. Изрази надеж овој проект да продолжи и понатаму да се доразвива со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ).

Марија Крстевска (НМСМ), упати честитки за ангажманите до мобилизаторите и од првата и од втората генерација, до сите ментори и координатори за успешно завршената програма. Наедно, ги охрабри мобилизаторите да продолжат да бидат коректори на власта и двигатели на промени и да продолжат да ја потсетуваат власта на дадените ветувања, инсистирајќи на транспаретност.

Говорници на панел дискусијата беа: Елизабета Марковска Спасеноска специјалист за мониторинг (СМС консалтинг), Благица Димитровска претседател на Инклузива, Александар Митаноски и Ана Клесова, прва генерација мобилизатори и Ардонит Исмаили и Мартин Николовски, втора генерација мобилизатори.
Онлајн конференцијата се организираше во рамки на проектот ,,Поддршка на изборни реформи” проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), а го спроведуваат Меѓународната фондација за изборни системи (ИФЕС) и нејзиниот партнер – Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).

Елизабета Марковска Спасеноска имаше куса презентација за мониторинг матрицата и главните наоди. Го објасни концептот на мониторингот, процесот на работа на локалните мобилизатори, спроведените мониторинг активности од страна на првата генерација 16 мобилизатори и втората генерација 24 мобилизатори. Од првата група мобилизатори, вкупно се мониторирани 16 мерки во 6 области и од втората група мобилизатори, вкупно се мониторириани 25 мерки во 9 области. Таа даде и кус пресек на наодите од мониторингот и предизвиците со кои се соочувале мобилизаторите.

Благица Димитровска, говореше за улогата на ментор, и објасни дека менторите треба да се подостапни за мобилизаторите, со цел да им пренесат знаење како да ги набљудуваат мерките на Владата и на кој принцип да се соочуваат со предизвиците во текот на нивната работа.

Александар Митаноски, првата генерација мобилизатори, зборуваше за мерката која тој ја спроведуваше во доменот на социјалната политика за зголемување на бројот на згрижувачки семејства.

Ардонит Исмаили од втора генерација мобилизатори раскажа за неговите предизвици за предлог законот (кој влезе во владина процедура) за дел од Шар планина да стане национален парк.

Ана Клесова (прва генерација) и Мартин Николовски (втора генерација) ги споделија искуства во однос на имплементацијата на иновативни иницијативи и мобилизирање на заедницата. Таа следеше мерки од областа на правдата или како што е наведено во програмата на Владата – позитивна клима помеѓу државите во регионот. Нејзината иницијатива „Преку границите“ имаше добар импакт во подигнување на свеста.

Мартин Николовски, овој месец привршува со неговата иновативна иницијатива со наслов „Родова еднаквост – спортски и здрави“ за воведување на родова еднаквост во управните и надзорни одбори на спортските федерации.

По излагањата се разви дискусија за транспаретноста на институциите околу податоците и информациите од јавен карактер.

Галерија