Се зајакнува улогата и самодовербата на жените од руралните средини

Uncategorized

Во „Извештајот за влијанието на демографските фактори врз учеството на граѓаните во јавниот живот и едукацијата на гласачите во Северна Македонија“, којшто е производ на проектот „Поддршка на изборни реформи“, конкретно за демографската група „Жени од рурални средини“ се вели дека жените од овие средини се недоволно застапени во јавниот дискурс и јавниот живот. Во препораките на извештајот стои дека е потребно зголемување на свеста и сопствената перцепција, како можност за промени кај жените од руралните области, зајакнување на самодовербата, градење сојузи и промовирање канали и патишта за поттикнување на граѓанско учество. Не случајно избравме две жени, успешни претприемачи, кои се мотиватори во своите заедници.

Живка Ѓурчиновска е индивидуален земјоделец, од село Тумчевиште, гостиварско и самостоен претприемач. Со своето семејство сопственици се на фарма, имаат плантажа со лешници и одгледуваат големи површини градинарски култури. Мајка е на три деца и во овој семеен бизнис е повеќе од 20тина години. Претседател е и член на здружението „Моја Фарма“ од Гостивар, активен член на невладината организација „Рурална колација – Куманово“ и член на „Националната федерација на фармери“.

„Пред 20 години беше табу, жените во руралните средини да се сопственички на имот“, вели Живка, но со текот на времето дел од жените успеаја да се изборат за своите права да бидат рамноправни со мажите, и да бидат носители на имот“, вели Живка. Амбициозна, енергична и вредна жена земјоделка, која неуморно се залага преку здруженијата во кои членува да ја подигне свеста за тоа дека жените можат да бидат успешни фармери, исто толку добро, колку и мажите.

Гезиме Фејзи е жена претприемач, ко-сопственик и управител на мини фабрика за моцарела и разни видови кашкавали „Caseificio Cesarina“ – Фејзи во село Беловиште, гостиварско. Мајка на две деца, а имиџот на успешна жена претприемач е резултат на нејзин личен влог со поддршка на семејството.

„Гледано од денешна перспектива, успеав да ги реализирам сите мои цели во животот, иако случајно се најдов во овој бизнис, имајќи верба во себе и поддршка од сопругот и моите деца. Верувам дека со многу труд и работа секоја жена може да ја постигне целта, која ја посакува“, смета Фејзи.

Во 90те години почнала да работи како продавачка во продавница за кашкавали, во рамките на минифабриката во која нејзиниот сопруг бил управител и технолог. Без менаџерска наобразба, амбицијата и желбата за успех ја мотивираат да се доусовршува преку различни обуки низ Балканот и во Рим, Италија, каде живееле извесен период со семејството.

„Пред 20тина година, кога се обидував да преговарам со мажите фармери, околу откуп на млеко, тие едноставно не ме доживуваа сериозно и се исчудуваа како може жена да се занимава со „машки работи“. Едноставно, не сакаа да комуницираат со мене. Низ годините наоѓав различни начини како да ги мотивирам, земав дури и кредит и им доделував средства за да купат крави за производство на млеко. Денес се чувствува промена, како жената е прифатена во руралните средини, отколку порано“, вели Гезиме.

                           

                                             Мотиватори за социјално и општествено активирање

Според Извештајот за тековните општествено – политички случувања во земјава и светот, 53 проценти од испитаниците „воошто не се“ или „ не се многу заинтересирани“ за тековните случувања, додека 46 проценти  се „многу“  или „донекаде заинтересирани“. Покажаниот интерес нема разлика во споредба со жени од урбаните средини. Над половина од овие жени (55%) ретко или никогаш не разговараат за овие прашања со други луѓе, во споредба со 46 проценти од жени од урбаните средини, кои не сакаат да разговараат за општествено – политички прашања.

На ова прашање Фејзи, вели: „Доколку сакаш да бидеш успешен неопходно е да се следат актуелните случувања, тоа не значи дека припаѓаш на одредена политичка опција. Порано во различни бизнис здруженија не членуваа жени, но и тоа се промени изминативе години, дури и на челни места денес има успешни жени, кои преку лична мотивација, работилници, обуки, ги охрабруваат и останатите жени“.

Клучни мотиватори за нивното социјално, општествено и политичко активирање е амбицијата, велат Живка и Гезиме.

„Заработувачката не секогаш е главната мотивација, туку одговорот на прашањето: „Дали успеав да се реализирам како успешна жена? Затоа е неопходно постојано доусовршување, размена на искуства, активно следење на трендовите, активизам, учество во рурални коалиции и здруженија, посета на работилници и обуки каде би научиле нови методи за нашата работа, бидејќи работите постојано се менуваат“.

За тоа колку ги интересира економската и социјална стабилност, локалните проблеми како здравството, образованието, животна средина, инфраструктурата… и други специфични потреби во нивното место на живеење, Живка, вели дека активно следи се што се случува во селото и се обидува да влијае и да направи позитивни промени.

„Кај наш има училиште со комбинирана настава до шесто одделение и тоа не е доволно, нема градинка, а наедно и инфраструктурата е застарена. Замислете во 21 век ние се уште имаме септички јами. Кога моите деца беа малечки јас немав избор да ги однесам во градинка и имав само две опции или да им се посветам и ништо да не работам или да ги носам со мене на плантажите, каде работиме. Овие горливи проблеми ги потенцирам и во медиумите и во здруженијата и коалициите, каде членувам. Ние немаме клуб на жени, месна канцеларија, каде би можеле руралните жени да ги истакнат овие недостатоци“, вели Живка.

И според наодите во Извештајот, здравствената заштита (83%), економската стабилност (78%) и локалните проблеми (75%) се трите приоритетни проблеми кај испитаниците. Овие прашања, вклучително и образованието се сметаат за клучни мотиватори за социјалното и политичко ангажирање на жените од руралните средини.

Затоа, главни теми на интерес се најчесто проблемите со кои секојдневно се соочуваат во нивната непосредна средина.

„Одалечени сме од Гостивар 7 километри, а два километри од автопатот и немаме јавен превоз, уште помалку превоз за нашите деца. Затоа и порано не одеа на работа жените од нашето село. Денес, повеќето од нас имаме автомобили, но затоа се уште немаме амбуланта.“ потенцира Живка.

Поради отцепеноста, отфрленоста и дистанцираноста на рурална жена, се добива впечаток дека тие се незаинтересирани. Доколку им се даде прилика на овие жени да ги покажат своите способности, тогаш можеме ја видиме нивната суштинска важност, не само во смеејството, туку и во општеството пошироко. Затоа, пред се, значајна е поддршката од нивното семејство.

„Кај нас се уште најголем број од руралните жени работат на имоти, кои припаѓаат на нивните сопрузи, ова е еден од клучните проблеми. Во последно време државата почна да ги мотивира, така што доделува грантови на жени од рурални средини, а за да ги добијат мора да имаат имот на свое име. Овој позитивен тренд направи мажите да сфатат дека доколку им препишат дел од имотот, жените ќе донесат повеќе средства во домашниот буџет и ќе имаат поголема сатисфакција дека сработеното е резултат на индивидуален труд“, велат Живка и Гезиме.

Според Гезиме порано мажите не сакале професионално ниту да зборуваат со неа, бидејќи е жена, денес доаѓаат и бараат бизнис совети од неа.

„Почнаа да сфаќаат дека доколку  ја подржат жената да работи и нивниот живот ќе им биде полесен и поудобен. Затоа се неопходни примери на успешни жени за полека да почнат да се менуваат работите“, вели Фејзи.

                               

                               Поголем пристап до информации и надминување на стереотипите

„Активно ги следам социјалните мрежи од мојот мобилен телефон, бидејќи по цели денови сум на поле и немам пристап до телевизија, а сакам да се информирам.“ вели Живка.

Сепак се уште во голема мера се чувствува дискриминација на жените во руралните средини, а стереотипите и предрасудите за жените пак, влијаат на нивната самодоверба.

„Се чувствува еден благ пораст во намалувањето на стреотипите, но состојбата е далеку од добра“, сметаат Живка и Гезиме.

„Имав прилика да присуствувам на обука на 54. Конгрес за правата на жените во Обединетите нации во Њујорк и преку вакви настани црпам знаење и самодоверба за да можам да им ги пренесам моите искуства на помладите жени кај нас, да ги мотивирам и охрабрам“, вели Гезиме.

„Порано се чудеа како тоа возам автомобил, трактор и обработувам земја, денес барем тие работи веќе не се табу во селата“, смета Живка.

И покрај тоа, борбата за родова еднаквост се уште продолжува во овие средини, иако дел од жените докажаа дека се вешти и способни да се издигнат преку индивидуален труд и личен развој.

„Патријахалниот систем многу ми пречи и честопати влегувам и во вербални дискусии на оваа тема. За да се зајакне улогата и самодовербата на жените потребен е засилен активизам преку работилниции, разговори и обуки, само така може да се покрене свеста. Од другата страна, ако ме прашувате мене, првин би организирала работилници за мажите, а би ги држеле исклучиво жени. Потребна е пред се едукација на мажите, а потоа на жените. Затоа е битно да гласаме во изборните процеси. Кога во политиката на одлучувачки позиции би имало повеќе жени, светот би бил подобро место за живеење. Жените се поконструктивн, пореални, почесни и по вешти, а наедно и би се бореле повеќе за женските права. Го искористувам секогаш моето гласачко право, во спротивно се дискредитираме себе си како личности“, истакнува Фејзи.

Севкупниот впечаток е дека се уште постојат препреки и бариери за жените во руралните средини, како последица на патријахалниот систем вредности, кој наметнува принципи дека жените треба да бидат посветени исклучиво на домот и семејството, а ваквите стереотипи влијаат на нивната самодоверба. Иако, свеста кај руралните жени е значително на повисоко ниво во споредба со минатото, како што велат и нашите соговорнички, борбата за родова еднаквост продолжува.

 

Галерија