Меѓународен ден на жената – родова еднаквост, демократска инклузија за сите

Uncategorized

Меѓународниот ден на жената – 8 Март е ден кога се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност. Осми март за Меѓународен ден на жената е прогласен од страна на Обединетите нации со цел да се одбележи улогата на жената во историјата, како и нејзината борба за еднаквост, правда, мир и развој. Еден век откако активистката за женски права Клара Цеткин повика на Ден на жената, значителен напредок е постигнат во родовата еднаквост, но суштината на 8 март останува иста: демонстрации и празнување.
Овој ден се одбележува за да се подигне свеста за еднаквите права на жените, нивните достигнувања и да се поттикне комуникацијата за проблемите со кои се соочуваат, како невработеноста, маргинализацијата и домашното насилство. Жените треба да бидат активни, не само на лидерски позиции, туку во секоја професија. Демократијата подразбира еднакво вклучување на жените и мажите во економскиот, социјалниот, политичкиот и општествениот живот, воопшто. За да се изгради одржлива и инклузивна демократија, жените мора да бидат способни подеднакво и значајно да учествуваат во јавниот живот. Врз основа на меѓународните стандарди за човекови права, најдобрите практики и современите истражувања, демократија значи политичко учество, правда и еднакви права за жените и мажите ширум светот. Маргинализација и дискриминација на жените, поставувањето на бариери и нееднаквост во јавниот и приватниот живот го закочува демократскиот развој на секоја земја.

Според наодите од квалитaтивното и квантитативното истражување во „Влијанието на демографските фактори врз учеството на граѓаните во јавниот живот и едукацијата на гласачите во Северна Македонија“, документ на проектот „Поддршка на изборни реформи“, жените биле постојано подложувани на дискриминација и нееднаков третман низ историјата. Патријархалните норми и вредности кои доминираат во општествата опстојуваат низ вековите сè до денес и историското наследство на нееднаквоста не може да се реши само со правна интервенција. Остатоците од таквиот систем влијаат на начинот на кој жените се вклучуваат во граѓанските активности. Општествено – културниот контекст во Северна Македонија генерално ги обесхрабрува жените активно да учествуваат во политичкиот живот како гласачи и како граѓански активисти. Жените од рурални области исто така се недоволно застапени во јавниот дискурс и живот.
Истражувањето од овој извештај покажува дека 53 проценти од жени-испитаници „воопшто не се“ или „не се многу заинтересирани“ за тековните општествено-политички случувања во земјата и во светот, додека 47 проценти се „многу“ или „донекаде заинтересирани“. Понатамошната анализа покажува дека жените за 13% помалку од мажите покажуваат интерес за општествено-политичките случувања. Речиси се исти статистиките и за жените од руралните средини.
Здравствената заштита (83%), економската и социјалната стабилност (78%) и животната средина (72%) се трите проблеми кои преовладуваат кај жените – испитаници и се сметаат за клучни мотивирачки фактори за нивното социјално и политичко активирање, проследено со образованието и грижата за локалното управување. Истражувањата покажуваат дека главните приоритети на жените се од социјален и инфраструктурен карактер, во врска со грижа за децата, градинките, училиштата и безбедноста на населбите. Жените се претежно заинтересирани за конкретни прашања што можат да го подобрат нивниот живот и животот на членовите на семејството, а помалку се заинтересирани за апстрактни и политички прашања.
Што се однесува до граѓанскиот активизам жените се помалку ангажирани и заинтересирани, отколку мажите. Причините за нивното ниско ниво на учество во граѓански активности, меѓу другото, се и стереотипите и предрасудите кон жените, како и дискриминација на жените во однос на возраста, физичкиот изглед и политичката ориентација.
Најголем број од испитаничките веруваат дека не можат да имаат влијание како граѓанки и не веруваат дека со индивидуален ангажман можат да донесат промени, а тоа најмногу се должи на нивниот прекумерен ангажман во домот и околу семејството. Тие ја делат перцепцијата дека ова е „машки свет“ каде што гласот на жените не се сфаќа сериозно.
Нивно мислење е дека во иднина фокусот треба да биде на едукација на девојчињата, стимулирање на нивната самодоверба, смелост и упорност, како и подигнување на нивната свест за родова еднаквост, а момчињата треба да бидат воспитувани да ги почитуваат жените и да ја промовираат родовата еднаквост наместо патријархалните родови улоги во домот и општеството.
Како заклучок, родовата нееднаквост е основната причина за значително помалото учество на жените во општествено-политичкиот живот во споредба со мажите. Бариерите се поврзани со општествено-економските фактори, капацитетот и културното влијание.
Затоа, неопходно е подигнување на свеста за важноста на учеството на жените во граѓанските активности и јавниот живот, заради спротивставување на родовите стереотипи и придонес во изградбата на политичка култура погодна за учество на жените на сите нивоа во општеството.

На линкот подолу е документот за „Влијанието на демографските фактори врз учеството на граѓаните во јавниот живот и едукацијата на гласачите во Северна Македонија““

https://electoralreforms.mk/wp-content/uploads/2021/09/MK-%D0%92%D0%BB%D0%B8%D1%98%D0%B0%D0%BD%D0%B8%D0%B5%D1%82%D0%BE-%D0%BD%D0%B0-%D0%B4%D0%B5%D0%BC%D0%BE%D0%B3%D1%80%D0%B0%D1%84%D1%81%D0%BA%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D1%84%D0%B0%D0%BA%D1%82%D0%BE%D1%80%D0%B8-%D0%B2%D1%80%D0%B7-%D1%83%D1%87%D0%B5%D1%81%D1%82%D0%B2%D0%BE%D1%82%D0%BE-%D0%BD%D0%B0-%D0%B3%D1%80%D0%B0%D1%93%D0%B0%D0%BD%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D0%B2%D0%BE-%D1%98%D0%B0%D0%B2%D0%BD%D0%B8%D0%BE%D1%82-%D0%B6%D0%B8%D0%B2%D0%BE%D1%82-%D0%B8-%D0%B5%D0%B4%D1%83%D0%BA%D0%B0%D1%86%D0%B8%D1%98%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D0%BD%D0%B0-%D0%B3%D0%BB%D0%B0%D1%81%D0%B0%D1%87%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D0%B2%D0%BE-%D0%A1%D0%B5%D0%B2%D0%B5%D1%80%D0%BD%D0%B0-%D0%9C%D0%B0%D0%BA%D0%B5%D0%B4%D0%BE%D0%BD%D0%B8%D1%98%D0%B0.pdf

Галерија