Конференција за измени на Изборниот законик – Отворени листи

Мобилизатори на заедницата

Дали се потребни отворени листи и кому тоа ќе му користи? Треба ли граѓаните да имаат поголемо влијание во изборните процеси? Во колкава мера лицата со попреченост рамноправно го остваруваат своето загарантирано право на глас?
Ова беа дел од прашањата на кои се говореше денеска на конференцијата за иновативна иницијатива „Измена и дополнување на Изборниот законик – Отворени листи“ чии што организатор беше мобилизаторот Херолинд Сакипи, како дел од проектот „Поддршка на изборни реформи“.
По неговиот воведен говор и презентација на мерката, на конференцијата зборуваше Бојан Кордалов, комуниколог, специјалист за односи со јавноста и нови медиуми, на тема: „Дали отворените листи ќе ја подобрат транспарентноста на Собранието и двонасочната комуникација меѓу пратениците и граѓаните?“
„Како граѓани, особено изминативе години, покажавме зрелост во текот на изборните процеси, дека умееме да процениме што би избрале од политичката мапа“, рече Кордалов.

Одржлива демократија е возможна, доколку десна рака на политиката биде компромисот. Потребата од отворени листи во измените и дополнувањето на изборниот законик покажала и анкетата на граѓани, која накусо ја презентираше Кордалов.

За време на деветмесечниот циклус колку што ја истражуваше оваа мерка Сакипи, негов ментор беше Благица Димитровска, претседател на Здружението „Инклузива“ од Куманово, која пред присутните проговори на темата: „Учество на лицата со попреченост во изборниот процес“.

Димитровска, која ги застапува правата на лицата со попреченост, истакна дека се прават мали чекори за да можат луѓето со попреченост рамноправно да го остварат своето загарантирано право на глас, но сепак недоволни. Иако, во Изборниот законик се внесени измени и дополнувања, сепак, во пракса не се спроведуваат во целост. Се уште, на оваа категорија луѓе, особено оние во вонсемејни установи им се нарушени правата.

Новинарот, писател и активист за човекови права, Џабир Дерала (ЦИВИЛ) како последен говорник на конференцијата зборуваше за „Релации – изборните реформи и политиката“.
Дерала истакна дека човековите права се неделиви за сите луѓе и правото на глас е фундаментално право. Отворените листи им одат во прилог на граѓаните.
„Нам не ни требаат измени во Изборниот законик, нам ни треба нов законик. Низ годините наназад направени се 38 измени и дополнувања и кога некои од нив ќе стигнат да се изгласаат во Собранието, започнуваат надмудрувањата помеѓу политичките структури“.

Според излагањата и заклучоците на говорниците, измени или сосема нов Изборен законик кој ќе влучува отворени листи и промена на изборниот модел се суштински за развојот на демократијата.

Галерија