Колку ги препознаваме и се грижиме за нашите млади генијалци?

Мобилизатори на заедницата

Дали ветувањата на Владата за финансиска поддршка на најдобрите ученици и студенти во земјава се реализира? Има ли во земјава млади генијалци кои државата треба да ги поддржи за да им го отвори патот кон посветла иднина? И дали талентираните деца кои освојуваат значајни признанија на национални и регионални натпревари се информирани за оваа мерка на Владата?

Во рамки на проектот „Поддршка на изборни реформи“, мобилизаторот Вулнет Махмути, изминатиов период, преку својата иновативна иницијатива за мерката на Владата да ги финансира нашите најдобри ученици и студенти, реализираше неколку активности.

Мерката на Владата подразбира финансиска поддршка за нашите најдобри ученици и студенти и нивните ментори за учество на меѓународни олимпијади и натпревари, а со закон треба да се обезбедат и парични награди за првите три освоени места. Мерката е веќе започната преку Фондот за иновации и технолошки развој ФИТР, каде што е направена посебна програма за поддршка на учеството на младите на натпревари и научни саеми.

Во текот на неговата истражувачка работа, Вулнет, анкетираше средношколци за тоа колку се информирани за ова мерка на Владата, организираше тркалезна маса ( средба со ученици и запознавање со мерката и проектот) и финално изготви документарец „Чекорите до успехот“, приказна за еден мал генијалец – Или Морина, кој е повеќепати награден на национални и регионални натпревари. Топла приказна за младо момче, математичар, кое од своите девет години успева да решава задачи наменети за средношколци.

На неодамнешната промоција на филмот, како гостин во рамки на дискусијата, која се разви по прикажувањето на документарецот беше професор Насер Мифтари од СУГС „Зеф Луш Марку“, кој инсистираше на тоа дека младите таленирани деца не смеат да бидат оставени на заборав на времето, напротив, државата треба мотивирачки да ги поддржува и доразвива нивните таленти, бидејќи овие деца се нашата светла иднина, кои можат да допринесат многу за заедницата.

Галерија