Демографскиот извештај е од непроценливо значење за засегнатите страни кои се занимаваат со граѓанска едукација и едукација на гласачите

Uncategorized, Анализи/Публикации/Производи, Зајакнати институции спроведуваат фер и ефикасни изборни процеси

Извештајот за влијанието на демографските фактори врз учеството на граѓаните во јавниот живот и едукацијата на гласачите во Р.С. Македонија, се реактуелизира во пресрет на изборите за градоначалник на општините Маврово и Ростуше и Центар Жупа, кои ќе се одржат на 17 април.

Во прилог на изборните процеси, овој Извештај е од непроценливо значење за засегнатите страни кои се занимаваат со граѓанска едукација и едукација на гласачите, чија цел е зајакнување на ефективноста и ефикасноста на изборните кампањи. Наодите и препораките од истражувањето имаат за цел да ја подигнат свеста за важноста од учеството во општествено- политичкиот живот и граѓанскиот активизам кај општата популација, особено кај помладите, жените и лицата со попреченост, како и сите останати ранливи групи.

Извештајот е производ на проектот „Поддршка на изборните реформи во Северна Македонија“ и е резултат на минуциозно истражување врз основа на докази, кое обезбедува податоци за испитаниците и дава детален увид во приоритетите на гласачите, ограничувањата и мотивациските фактори за различни демографски профили гласачи. Содржи опсежни препораки за секој анализиран демографски профил, кои се однесуваат на модалитетите на граѓанското образование, подигнување на свеста за важноста на изборниот процес, изборот на медиуми, алатки и канали за комуникација и видот на пораките што се пренесуваат.

Примерокот е дизајниран точно да ги одразува демографските карактеристики на земјата. Интервјуирани беа претставници на етничките заедници на Македонците, Албанците, Ромите, Турците и други заедници. Во квалитативното истражување беа вклучени 13 фокус групи и 4 длабински интервјуа со претставници на следниве демографски групи: урбано население, рурално население, жени од урбани области, жени од рурални области, млади, млади од рурални области, лица што гласаат првпат, лица со попреченост, лица од оддалечени заедници, роми, други етнички заедници, многу сиромашни лица и долгорочно невработени лица.

Наодите за секоја демографска група се структурирани во секциите: теми на интерес, извори на информации, граѓанско учество, изборен процес, комуникација со кандидатите и партиите, бариери и препораки.
Конечниот заклучок од истражувањето е дека здравствената заштита (85%) и економско- социјалната стабилност (82%) се најважните теми од интерес за општата популација што живее во земјава. Сеопфатната анализа покажува дека превземањето конкретни и прагматични активности за подобрување на квалитетот на животот е клучна мотивација за луѓето да станат општествено и политички активни.
Поразувачка е анализата која покажува дека најголем дел од испитаниците не се заинтересирани за поактивно граѓанско учество, а половина од испитаниците сметаат дека како граѓани не можат да имаат значително влијание во нивната општина. И покрај тоа, половина од општата популација е „многу“ или „донекаде заинтересирана“ за тековните општествено -политички случувања во земјата и светот. Гледано според пол, мажите се повеќе општествено ангажирани, отколку жените.
Пандемијата со Ковид-19 котира највисоко меѓу општествено- политичките прашања од интерес на сите демографски групи, но во принцип граѓаните најмногу се засегнати за прашања кои влијаат врз квалитетот на животот и непосредната околина, како што се здравствената заштита, економската и социјалната стабилност, локалните проблеми, животната средина и образованието.
Само половина од општата популација наведуваат дека гласаат редовно и кај сите демографски групи се забележува општа негативна перцепција за гласањето на избори кои за нив меѓу другото се синоним за „празни ветувања“, „лоши изборни кампањи“, „политички притисоци“ и “непотребно трошење пари“. Истражувањето покажува и дека различни демографски групи сѐ повеќе се одлучуваат да не излезат на гласање поради незадоволство од политичките партии во земјата, кои според нив не се заинтересирани да одговорат на потребите на граѓаните. Воздржувањето од гласање, според испитаниците, е начин на изразување разочараност и револт против политичките партии, како и казна за неостварените ветувања.
Сепак трите најважни фактори што позитивно влијаат на одзивот на испитаниците за гласање се: перцепцијата дека гласањето е граѓанско право и должност (56%); Изгледите за подобра иднина(42%); и Стравот дека гласот ќе им биде злоупотребен (29%). Според направеното истражување, граѓаните на кандидатските листи би сакале да видат повеќе познати лица, млади луѓе, претставници од нивната локална заедница и жени.
Телевизијата останува главен извор на информации за речиси половина од општата популација, додека пак, социјалните медиуми биле посочени од страна на 14% од популацијата. Понатаму следат веб- порталите со 13%, како и пријателите и семејството кои со 8% се посочуваат како главни извори на информации за граѓаните во врска со изборите.

Галерија